14 години енигма: Дали убиството на командант Тели го предизвика масакрот кај Карпалак

Сподели со своите пријатели

Денес се навршуваат 14 години од убиството на контроверзниот “командант” Тели, убиен во населбата Чаир, во акција планирана и тогаш раководена од министерот Љубе Бошкоски. Тели беше командант на 113 бригада на ОНА, и личност која во Албанија беше прогласен за национален херој.

Loading...

Според тогашните информации кои ги пласираа медиумите, Тели наводно бил поткажан од тесен круг на ОНА, но МВР не го почитувала договорот тој да биде само уапсен. Наместо приведување, медиумите тврдеа дека Тели и четворица негови соработници, кои поседуваа исклучително значајни информации за македонските безбедносни сили, беа убиени.

Утрински весник ден по убиството на Тели, излезе со натпис дека незадоволен од настаните и приближувањето на денот на потпишувањето на Охридскиот договор, надвор од желбите и во спротивност на наредбите на политичкото водство на ОНА, Тели одлучил на своја рака да ја нападне и да ја заземе полициската станица на Бит- пазар.

Во тие моменти во тесни кругови од врвот на ОНА било одлучено Тели да биде поткажан на МВР. Главен аргумент за носење на одлуката бил дека со таква акција, во таа фаза “се загрозува процесот” на етаблирање на каузата на Албанците во Македонија преку Охридскиот договор.

Користејќи анонимни извори, Утрински тогаш тврдеше дека веднаш по акцијата и убиството на Тели, во МВР била испратена порака: “За ова ќе загинат ваши пута три”!

Утредента на 8 август, во 9,30 часот се случи нападот врз конвојот војници кај Карпалак, при што загинаа 10 резервисти – припадници на АРМ.

Loading...

Во Охрид, од друга страна, преговорите беа доведени во фаза на потпишување, но и минирани по масакрот кај Карпалак. ВМРО-ДПМНЕ првин се повлече од преговорите, но неколку часа подоцна, Љупчо Георгиевски стави потпис на Охридскиот договор.

Одбележувањето на годишнината од масакрот кај Карпалак започна денес пред споменикот на десетте загинати воени резервисти во прилепскиот гарнизон „Мирче Ацев“.