123 години од смртта на Гоце Делчев: Сеќавање на великанот на македонската револуционерна борба

Сподели со своите пријатели

Денеска се одбележуваат 123 години од смртта на македонскиот револуционер и идеолог Гоце Делчев, една од најзначајните личности во македонската историја и симбол на борбата за слобода и национално ослободување.

Гоце Делчев загинал на 4 мај 1903 година во селото Баница, во борба со османлиската војска, само неколку месеци пред Илинденското востание.

Роден во Кукуш во 1872 година, Делчев останува запаметен како визионер, организатор и еден од главните двигатели на македонското револуционерно движење.

Неговата идеја за слободна и автономна Македонија и денес е дел од колективната историска меморија, а неговата мисла „Јас го разбирам светот како поле за културен натпревар меѓу народите“ продолжува да биде препознатлив симбол на неговата визија.

По повод годишнината, делегации од државниот врв, институции, политички партии и граѓански организации традиционално оддаваат почит пред неговото вечно почивалиште во црквата „Свети Спас“ во Скопје, потсетувајќи на неговото дело и жртва за македонската кауза.

Во Куманово денеска ќе се одбележи годишнината од неговото загинување во Гимназијата која го носи неговото име, која воедно ќе одбележи и јубилеј од 80 години постоење.

Никола Ивановски