ЗНАМ: Дали следниот чекор на СДСМ е напуштање на законодавниот дом, со крајна цел бојкот на следните Парламентарни избори?

Сподели со своите пријатели

Портпаролот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Никола Мемов, на денешната прес-конференција упати серија обвинувања и прашања кон Социјалдемократски сојуз на Македонија и лидерот Венко Филипче, оценувајќи дека нивното однесување во однос на измените на Законот за Влада е „длабоко неодговорно и деструктивно“.

Мемов истакна дека „во изминативе денови сведоци сме на уцени и на еден длабоко неодговорен и деструктивен однос од страна на СДСМ и Венко Филипче, особено во контекст на измените на Законот за Влада“, додавајќи дека со предложените измени е јасно предвидено техничката влада да важи за следните парламентарни избори, а потоа да биде укината како модел.

Според него, овој концепт веќе ја исполнил својата функција и нема место во современите европски демократии. Притоа, Мемов ги отфрли обвинувањата дека техничката влада ќе биде укината веднаш, нагласувајќи дека „сите тврдења дека техничката влада се укинува веднаш, како и дека ова решение е донесено без консултации со политичките партии, се обична лага и претставуваат обид за манипулација со јавноста“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Необољшевици го водат СДСМ кои се обидуваат своите внатрешни проблеми да ги рефокусираат кај конкурентните партии

Од ЗНАМ велат дека наместо конструктивен политички пристап, СДСМ избрала конфронтација и блокади, а како последен пример го посочија најавеното повлекување од работната група за новиот Изборен законик.

Во тој контекст, Мемов јавно праша: „Дали следниот чекор е напуштање на законодавниот дом од страна на пратениците на СДСМ, со крајна цел бојкот на следните парламентарни избори?“

Тој отвори и дилема дали ваквите потези се резултат на страв од изборен пораз, прашувајќи дали причината е „стравот од соочување со граѓаните и од извесен, катастрофален изборен пораз“, по кој, како што рече, би следувала и оставка на Филипче од лидерската позиција.

Во своето обраќање, Мемов испрати и порака дека „државата не смее да биде заложник на ничии политички калкулации“, потенцирајќи дека е неопходно политичките чинители да покажат одговорност и да носат одлуки во интерес на државата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Необољшевици го водат СДСМ кои се обидуваат своите внатрешни проблеми да ги рефокусираат кај конкурентните партии

„Македонија заслужува стабилност, достоинство и напредок, и ние ќе продолжиме да работиме токму за таква иднина“, рече Мемов.

Од ЗНАМ упатија и директен повик до членството и симпатизерите на СДСМ, предупредувајќи: „Бидете внимателни! Не дозволувајте да бидете вовлечени во сценарија што водат кон изолација, кон уништување на партијата, слабеење на институциите и оттргнување на државата од европскиот пат“.

Во обраќањето беше оценето и дека актуелното раководство на СДСМ ја довело партијата до, како што рече Мемов, „историски најнизок рејтинг, на ниво од едвај нешто над 5%“, предупредувајќи дека ваквиот пристап може дополнително да ја маргинализира партијата.

Дополнително, ЗНАМ упати апел и до пратениците и градоначалниците од редовите на СДСМ да не бидат, како што рече Мемов, „инструмент во стратегии што водат кон слабеење, изолирање и непостоење на партијата“.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Димитриевски: Необољшевици го водат СДСМ кои се обидуваат своите внатрешни проблеми да ги рефокусираат кај конкурентните партии

Одговарајќи на новинарско прашање за Законот за двојно државјанство, Мемов посочи дека ставот на партијата ќе биде соопштен по завршување на јавната дебата.

„Најавено е дека ќе има стручна и научна дебата во јавноста по ова прашање и кога ќе го имаме конечниот текст ЗНАМ ќе се произнесе по ова прашање во јавноста“, изјави тој.

Во однос на изборните реформи, Мемов повтори дека официјалниот став на ЗНАМ е идниот парламентарен состав да брои 90 пратеници, со една изборна единица и изборен праг од 2 до 3 проценти.

„Официјален став на ЗНАМ е дека идниот собраниски состав треба да биде со 90 пратеници, да има една изборна единица, изборен праг помеѓу 2 и 3% и да се промени начинот на финансирање на политичките партии“, рече Мемов.