Жителите на кумановското село Режановце, гневни поради неоставање простор за канал под преминот во нивното село во процесот на изградба на новата пруга за Коридор 10, во среда ќе излезат на протест, информираат од месната заедница.
Иако како што велат од заедницата, во проектот за изградба на пругата има вцртано канал за провлекување на инсталација, изведувачите на градежните работи одбиваат да остават простор, велејќи дека такво нешто не постои во нивниот нацрт.
– Канализационата мрежа за селото беше донесена до преминот уште пред 10 години, на едно 20-тина метри од самиот премин. Сега, според новиот проект за изградба на Коридор 10, постои канал долг 47 метри, работен според сите стандарди, но фирмите изведувачи ни соопштија дека такво нешто не постои во нивниот градежен нацрт. Мрежата не е само за канализација, но и за останати намени како што се водовод и телефонија, но фирмите изведувачи одбиваат да остават простор за продолжување на мрежата по изградба на новата пруга кон Бугарија. Од нив добивме одговор дека кога еднаш ќе ја завршат пругата, нема да имаме право да интервенираме за спроведување канализација. Затоа и ќе протестираме, и нема да дозволиме продолжување на градежните работи, велат од селото.
Протестот на жителите на с. Режановце е најавен за среда, со почеток во 9 часот.