Жител на Севастопол, на црноморскиот полуостров Крим припоен од Русија, е осуден во Русија на 21 година затвор за „велепредавство“ во корист на Украина, соопштија денеска руските безбедносни служби (ФСБ), во контекст на репресијата против гласовите на дисидентите.
Од почетокот на руската офанзива против Украина во февруари 2022 година, судењата за „саботажа“, „предавство“, „тероризам“ или „шпионажа“, кои генерално носат тешки казни, значително се зголемија, начин да се ограничи противењето на руската инвазија.
Осудениот, чие име не е објавено, бил регрутиран од Украинската специјална служба (СБУ) во 2022 година.
Тоа лице е прогласено за виновно за пренесување на информации на Украина за локацијата на руските воени единици во Севастопол, родното пристаниште на руската Црноморска флота, се вели во соопштението на регионалниот огранок на ФСБ.
Според истражителите, мажот, чија возраст не е соопштена, се подготвувал и да ја запали зградата на локалната власт во Севастопол и поминал обука за таа цел, пред да биде уапсен од ФСБ.
ФСБ додава дека поради ова, регионалниот воен суд во Ростов на Дон го осудил човекот на 21 година затвор.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, неколку илјади луѓе се казнети и уапсени во Русија поради нивното противење на конфликтот.