Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека Русија подготвува масовен напад врз неговата земја во следните 48 часа.
„Од нашите разузнавачки информации и од нашите партнери знаеме дека Русите подготвиле ракети за нов масовен напад врз Украина. Нападот би можел да се случи денес – имаме прелиминарни информации дека би можел да се случи во следните 48 часа. Ве молиме, грижете се за себе и обрнете внимание на предупредувањата за воздушни напади“, рече Зеленски во своето вечерно обраќање, пренесува Украинска правда.
Тој исто така додава дека разузнавачките податоци покажуваат дека Русија подготвува нов бран мобилизација за есен.
Бран напади
„Во моментов, Русите губат повеќе војници на фронтот отколку што регрутираат, но Путин сè уште планира да ги интензивира нападите и да ја прошири оваа војна. Му требаат повеќе Руси за нападите. Мораме однапред да се одбраниме од тоа“, предупреди тој.
Предупредувањето следеше по крвавите напади во петокот. Утрото, украинските воздухопловни сили предупредија за заканата од балистички ракети од север.
Противвоздушната одбрана пресретна една руска ракета, додека две ја погодија областа на Киев.
Подоцна се дозна дека Русија нападнала украински воен полигон каде што се одржувала изложба на оружје, при што загинале 10 лица, а стотина биле ранети.

