Како што пренесува телевизијата 23 Вести, заврши испрашувањето на осомничените терористи кои беа приведени во акцијата во Куманово на 9-ти мај годинава. Од обвинителството за телевизијата изјавиле дека конечна одлука за покренување обвинение ќе се донесе откако ќе се приберат сите докази.
„Истрагата за предметот е во тек. Завршено е испитувањето на осомничените . Во моментов надлежниот обвинител прибира и други докази во насока на расветлување на настанот, по што ќе следи донесување на одлука за натамошно постапување.“, велат од Јавно обвинителство на РМ за 24 Вести.
Дел од осомничените одбиле да дадат исказ, затоа што на нивната одбрана не им биле презентирани сите докази со кои располага обвинителството. Исказ дал и полицаец, жител на населбата Тоде Мендол кој бил уапсен во антитерористичката акција, но и тој немал увид во доказниот материјал.
Во меѓувреме дел од медиумите објавуваат писмо за кое уште не е потврдена автентичноста кое наводно група припадници на специјалните единици на полицијата, кои учествуваа во акцијата во Куманово го испратиле до специјалната обвинителка Катица Јанева, од која бараат како прв предмет да го разгледа случајот.
- Во името на нашата идна соработка како ваша продолжена рака, храбро и достоинствено ве замолуваме, случајот „Диво Насеље’“да го отворите меѓу првите, ја сакаме и ја заслужуваме вистината. Нашите осум браќа, соборци, сè уште не почиваат во мир – стои во писмото кое наводно е испратено до Јанева.
Ниту дел од адвокатите кои ги застапуваат осомничените за 24 Вести велат дека постои можност Јанева да го преземе случајот во нејзини раце сомневајќи се дека постојат прислушувани телефонски разговори и за случувањата во Куманово.
Рокот за покренување на обвинение истекува во ноември.