Американската конгресменка Марџори Тејлор Грин, членка на Републиканската партија позната по поддршката на движењето на Трамп МАГА (Направи ја Америка повторно голема), нападна новинарка на британски Sky News за време на прес-конференција во Вашингтон, во врска со скандалот познат како Сигналгејт.
Инцидентот се случи вчера кога новинарката Марта Келнер се обиде да постави прашање поврзано со аферата во која високи американски функционери ја користеа апликацијата Сигнал за да комуницираат за воените операции во Јемен.
Џефри Голдберг, главен уредник на магазинот Атлантик, по грешка бил додаден во таа група, што доведе до протекување на доверливи информации во јавноста.
Грин ја прекина Келнер на почетокот на прашањето и праша: „Од која земја сте?“.
Кога новинарката одговорила дека е од Обединетото Кралство, Грин луто реагирала и упатила низа навреди кон неа.
„Не заболе за вашето мислење и известување. Зошто не се вратите во вашата земја, каде што имате огромен проблем со мигрантите?“, рече Грин налутено, која беше на удар во последните денови поради нејзините тврдења дека американските медиуми „ги политизираат протекувањата“.
Позната по екстремизмот и теориите на заговор Марџори Тејлор Грин со години предизвикува контроверзии поради ширење теории на заговор и екстремистички ставови.
Пред да биде избрана, таа јавно промовираше голем број неосновани тврдења поврзани со движењето QAnon, особено нејзината објава од 2018 година во која се сугерираше дека шумските пожари во Калифорнија би можеле да бидат предизвикани од „сончеви генератори од вселената“ поврзани со банкарското семејство Ротшилд, што медиумите и критичарите го исмејуваа како „еврејски вселенски ласери“.
Поради ваквите изјави, Грин подоцна беше отстранета од неколку конгресни комисии, но таа продолжи со радикална реторика, редовно напаѓајќи новинари, политички противници и имигранти и често употребувајќи запалива и националистичка реторика во јавните настапи.
Што е Сигналгејт?
Сигналгејт, како што го нарекоа американските медиуми, изрази загриженост за безбедносната култура во највисоката американска администрација, бидејќи е приватна шифрирана апликација за комуникација која американската влада формално не ја користи за доверливи дискусии.
Додавањето на Голдберг во групата за разговор, според The Atlantic, било случајно, но довело до протекување на информации за воени операции во Јемен.
Претставниците на Белата куќа се уште не ги коментирале изјавите на Марџори Тејлор Грин или инцидентот со новинарката на Sky News.