Полската влада засега со сигурност знае само едно – во селото Пржеводов, на пет километри од границата со Украина, падна некаква ракета и две лица загинаа, а се друго сѐ уште се проверува и се консултира со НАТО, изјави денеска министерката Агњешка Шчигај.
Министер во владата на премиерот Матеуш Моравјецки за полската приватна телевизија ТВН24 изјави дека нема потврда дека има две ракети, како што пренесуваат медиумите и светските агенции врз основа на сведочењето на жителите во Пржеводово.
„Таа теза не е исклучена, но не ја најдовме втората ракета. На владината седница пред се се концентриравме како да се избегнат вакви инциденти. Разговаравме за можните чекори што можеме да ги преземеме како влада“, рече Шцигај.
Како и премиерот Моравјецки синоќа, така и министерката денеска апелираше до медиумите да не објавуваат непотврдени вести.
„Хипотезирањето во оваа ситуација може да има огромни последици. Подобро е да се знае за што зборуваме и да се чека објаснување од истрагата“, рече таа и додаде дека истрагата е меѓународна и дека во неа биле вклучени и Американците.
Агенцијата АП синоќа, повикувајќи се на извор во американските разузнавачки служби, објави дека две руски ракети погодиле складиште за жито во селото Пржеводов на истокот на Полска и блиското поле, а подоцна, врз основа на три извори во американската администрација, коригираше дека станува збор за украински ракети за противвоздушна одбрана кои залутале во Полска.
Американскиот претседател Џо Бајден претходно денеска изјави дека е „малку веројатно“ проектилот што падна во Полска, земја членка на НАТО, при што загинаа две лица, да биде истрелан од Русија, но тој вети поддршка за полската истрага за, како што рече, „руската производство на ракети“.
Во експлозија во близина на силосот во вторникот попладне, загинаа работник во машина за сушење жито и земјоделец кој донел пченка за купување.
Официјални лица на балтичките земји веднаш ја осудија Русија за таргетирање на Полска, а украинскиот претседател Володимир Зеленски исто така го убеди полскиот претседател Анджеј Дуда дека тоа сигурно е проектил истрелан кон Полска од Русија, објави синоќа Дуда.
Полскиот претседател не ја отфрли можноста Полска да побара активирање на членот 4 од Договорот за НАТО, што подразбира итни консултации меѓу сојузниците кога една од членките смета дека е загрозена нејзината безбедност или територијален интегритет.
Полското Министерство за надворешни работи (МНР) вечерва го покани рускиот амбасадор, а како што пренесува денеска радиото RMF FM, амбасадорот Сергеј Андреев само слушал што има да каже шефот на полската дипломатија Збигњев Рау.
Министерството за внатрешни работи на Полска синоќа соопшти дека експлозијата била предизвикана од ракети од руско производство кои вообичаено ги користат и руската и украинската армија.
Денеска на барање на Полска во Брисел се среќаваат амбасадорите на НАТО, а напладне повторно заседава полскиот Совет за национална безбедност на чело со претседателот Дуда и премиерот Моравјецки.
Сè уште не е јасно или потврдено дека Полска ќе побара активирање на членот 4 од Договорот за НАТО и дали воопшто нашла причина за тоа.