Започна изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка (ФОТО+ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министрите за транспорт и врски и за земјоделство, шумарство и водостопанство, Горан Сугарески и Љупчо Николовски, и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов го означи стартот на градежните работи за изградба на експресниот пат од Куманово до границата со Република Бугарија, односно делницата Ранковце – Крива Паланка.

 

Loading...

 

Посочувајќи дека оваа делница ќе биде долга 23 километри, а широка 12,5 метри, Премиерот Заев истакна дека вредноста на инвестицијата ќе изнесува повеќе од 58 милиони евра.

„Oбезбедуваме квалитетни услуги за граѓаните. Градиме патна инфраструктура за да го развиеме овој дел од Македонија, но и да обезбедиме услови за движење на граѓаните, соодветно на Европските стандарди.  Остануваме посветени на реализација и изградба на капитални инфраструктурни проекти кои ќе овозможат брз и безбеден транспорт на стоки и услуги. Обезбедивме 270 милиони евра за изградба и реконструкција на патна инфраструктура во должина од околу 800 км“, потенцираше премиерот Заев во својата изјава за медиумите.

Премиерот Заев, информираше дека во моментот се одвиваат и градежни активности за реконструкција на автопатите Скопје – Тетово и Кичево – Охрид. Во процес на изработка е проектот за изградба на автопатот Кичево – Гостивар, овој месец ќе се распише тендер за изработка на проект за проширување на автопатот Гостивар – Тетово, а планирана е реконструкција и на патната делница Струга – Ќафасан.

„Со изградба на патот на којшто сме денеска, од Ранковце до Крива Паланка и понатаму до граничниот премин Деве Баир, сакам да потенцирам дека ја комплетираме изградбата на Коридорот 8. Односно од Ќафасан, преку Струга, Кичево Гостивар,Тетово, Скопје, Куманово, Ранковце, Крива Паланка до Деве Баир. Тоа е Коридорот 8 којшто поминува во Република Македонија, којшто е многу значаен. Овој Коридор, што ги поврзува Црното и Јадранското Море има многу важна улога во забрзување на економскиот сеопшт раст во државата, a сигурен сум дека ќе ги унапреди и севкупните релации меѓу земјите од овој регион. Да напоменам, Коридорот 10 е целосно комплетиран и готов. Со коридорот 8 буквално Македонија ќе биде целосно автопатски поврзана. Уверувам дека нема да застанеме. Напротив, уште поенергично продолжуваме да работиме на реализација на овие значајни проекти за нашите граѓани“, заклучи Премиерот Заев.

 

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Реконструиран паркингот кај Соколана (ФОТО)

 

Министерот за транспорт и врски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Горан Сугарески и Зоран Китанов истакнаа дека се силно посветени на изградба и реконструкција на целокупната патна инфраструктура во земјата.

„Во последните 2 месеци внесени во изградба се 3 експресни патишта и тоа: Градско – Дреново, еве денеска Ранковце – Крива Паланка и Штип – Радовиш. Станува збор за 80 километри патишта и вкупна вредност од околу 130 милиони евра. Сакам да потенцирам дека станува збор за исклучително важен патен правец којшто го поврзува Коридорот 8, и којшто не поврзува со Република Бугарија“, истакна министерот Сугарески.

Loading...

Тој додаде дека само во овој регион од Македонија во патната и во железничката инфраструктура ќе се вложат повеќе од половина милјарда евра.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов истакна дека Владата е силно посветена и дека веќе наредниот месец ќе се објави тендер за проектирање на експресен пат од Романовце до Ранковце, со што ќе се комплетира и овој патен правец на Коридорот 8.

Китанов додаде дека во овој период преку средства од ИПА 2 програмата комплетно ќе биде реновиран и постоечкиот пат од Куманово до Крива Паланка и од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, со додавање на трета лента.

Текст, фото и видео: Влада на Република Македонија

Leave a Reply