Откако 19-годишник со потекло од Македонија беше приведен под сомнение дека планирал терористички напад на концертот на пејачката Тејлор Свифт во Виена, се актуелизираше темата за бројот на тинејџери во редовите на Исламската држава.
Во последниве месеци, бројот на случаи кога онлајн разговорите меѓу младите се претвораат во реални акциони планирања стана алармантен.
Студијата спроведена од експертот за тероризам Питер Њуман, пренесена од Си-Ен-Ен, покажа дека тинејџерите сочинуваат речиси две третини од уапсените во Европа во последните девет месеци, во ситуации поврзани со Исламската држава.
Студијата која разгледа 27 напади и спречени терористички заговори поврзани со ИСИС од октомври минатата година, покажа дека од 58-те осомничени, 38 биле на возраст од 13 до 19 години.
Европските безбедносни претставници за Си-Ен-Ен ги потврдија повеќето податоци, кои Нојман ги презентираше како професор по безбедносни студии на Кралскиот колеџ во Лондон.
Според податоците на Европол, бројот на напади и планирани напади е четирикратно зголемен од 2022 година, а Нојман посочува уште еден случај во Австрија, кога 14-годишно девојче од Црна Гора беше уапсено во Грац во мај оваа година, откако купила нож и секира наводно планирале напад. На нејзиниот компјутер подоцна биле пронајдени материјали поврзани со Исламската држава.
Тинејџерите беа уапсени и за време на безбедносните проверки пред Олимпијадата во Париз.
Имено, на крајот на мај, 18-годишен млад човек од чеченско потекло беше обвинет за терористичко злосторничко здружување, поради наводни планови за напад на посетителите на Игрите во Сент Етјен.
Пред тоа, двајца тинејџери беа уапсени во североисточниот и јужниот дел на Франција, за наводно планирање терористички напад, но не е јасно кого сакале да целат.
А германската полиција објави и дека тинејџери биле вмешани во терористичко здружување, па во Дизелдорф се уапсени две девојчиња на возраст од 15 и 16 години, како и едно 15-годишно момче, обвинети за терористички напади.
На иста возраст биле и момчињата од Швајцарија и Италија, кои наводно сакале да извршат бомбашки напад во Швајцарија со поддршка на ИСИС.