Воени бродови на јужноафриканската, руската и кинеската морнарица се распоредени во водите на Индискиот Океан за да ја започнат активната фаза од заедничката трилатерална поморска вежба наречена „Моси-2“, соопшти денеска Министерството за одбрана на Јужна Африка.
Екипажите на воените бродови почнаа да изведуваат елементи од операциите елаборирани за време на подготвителната фаза на вежбите, кои започнаа на 17 февруари.
За време на активната фаза на вежбите, морнарите од Русија, Јужна Африка и Кина ќе спроведуваат артилериско гаѓање, одбивање симулирани воздушни напади на непријателот, спроведување антитерористички мерки и тактичко маневрирање и пружање помош на брод во неволја, пренесе Тас.
Активната фаза од заедничката трилатерална поморска вежба ќе заврши на 27 февруари, соопшти Министерството за одбрана во Кејптаун.
Вежбите се изведуваат во водите меѓу пристанишниот град Дурбан и заливот Ричардс, кои се оддалечени 160 километри.
Русија на вежбите ја претставуваат фрегатата „Адмирал Горшков“ и морскиот танкер „Кама“.
Кина е претставена со разурнувач, фрегата и помошен брод, а Јужна Африка со фрегата и два помошни брода, јави Танјуг.
Првата ваква трилатерална поморска вежба беше одржана во близина на јужноафриканскиот југозападен брег на Атлантикот во близина на Кејп Таун во ноември 2019 година, потсетува руската агенција.