На воениот полигон „Пештер“, денеска се одржа воената вежба „Содејство 2020“.на која учествуваат околу 2.800 припадници на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на Србија (ВВ и ПВО), Копнената војска, 72-та бригада за специјални операции и 63-та падобранска бригада, повеќе од 150 борбени и неборбени возила и борбени системи и околу 40 авиони.
Фабула на вежбата е претпоставен напад на непријателски вооружени сили врз југозападниот дел на Србија и привремено окупирање на дел од државната територија, на линијата Сјеница – Чајетина – Бајина Башта, со внесување на нови вооружени сили.
На почетокот на вежбата беше прикажано како новонабавениот систем за противвоздушна одбрана „Панцир“ ги уништува непријателските авиони, како и домашниот надграден систем ПАСАРС, базиран на топовите „Бофорс“.
Вежбата се состои од седум фази, при што е прикажана состојбата на обученоста на командите и единиците на Српската војска при решавање на тактички и вооружени задачи и извршување на заедничка операција со фокус на воздушната поддршка на копнените сили.
Прикажано е дејството на авионите „Миг 29“, „Орел“ и „Супергалеб Г-4“, хеликоптерите Ми-35, Ми-17В5, Ми-8, како и борбените хеликоптери „Гама“.
По целите дејствуваше артилерискиот ракетен систем „оклоп с1“ и „пасарс“, а беа прикажани и голем број модернизирани средства и средства од развојот на одбранбената индустрија на Србија, кои првпат дејствуваа заедно во една воена вежба.
Прикажани се и дигитализираните ракетни системи „оган“ и „морава“, беспилотното летало „врабец“, борбеното роботско возило „милош“, самоодните хаубици „нора“, „гвоздика“ и минофрлачи, модернизирани борбени возила, оклопното возило „лазар три“ и модернизираниот тенк М-84.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по вежбата изјави дека таа ја покажала подготвеноста и обученоста на војската за заштита на земјата и нејзината територија, но само во случај на одбрана од агресија, „затоа што не ни паѓа на памет да напаѓаме и да влегуваме во конфликти “.
Оливер Бранковиќ, Србија