Во Перу вонредна здравствена состојба поради денга треска

Сподели со своите пријатели

Перу прогласи здравствена вонредна состојба во поголемиот дел од земјата бидејќи топлотниот бран и обилните дождови доведоа до пораст на случаите на денга.

Loading...

Од почетокот на годината во таа јужноамериканска земја од денга треска починале 32 лица, а вкупниот број на заразени е зголемен на 31.300, пренесува Ројтерс.

Министерот за здравство Цезар Васкез во понеделникот рече дека владата го одобрила прогласувањето на здравствена вонредна состојба, неколку часа откако тој рече дека е „неизбежна појава на денга“.

„Има 20 региони (од 25) каде што ќе биде прогласена здравствена вонредна состојба поради денга треска“, рече Васкез.

Воведувањето на вонредна состојба ги зголемува ресурсите на здравствените услуги во погодените подрачја.

Денгата, која главно се пренесува со каснување од заразени комарци, предизвикува симптоми како треска, гадење, повраќање, замор и болки во телото.

Васкез рече дека временските услови доведоа до побрзо размножување на комарците и повеќе инфекции со денга.

Повеќето случаи во Перу досега се регистрирани на северот на земјата, каде болниците се веќе преполни.

Loading...

Минатата година, 428 луѓе во Перу починале од денга треска, а според официјалните податоци имало 269.216 заразени.

Од 2023 година, Перу се соочува со високи температури и обилни дождови поради временскиот феномен Ел Нињо, кој ги загреа водите на брегот на Перу.