Заедно со Кипар и Словачка, Македонија е меѓу земјите во Европа со најмногу празнични денови во текот на годината, судејќи според празниците регулирани со Закон.
Со Законот за празници во Македонија како неработни денови за сите граѓани се прогласени 11 државни празници.
Во оваа група влегуваат Нова Година, 7 јануари – Божик, 1 Мај – Денот на трудот, вториот ден на Велигден, 24 Мај посветен на Св. Кирил и Методиј, 2 Август – Денот на Републиката, првиот ден на Рамазан Бајрам, 8 Септември – Денот на независноста, 11 Октомври – Денот на народното востание, 23 Октомври Денот на револуционерната борба и 8 декември – Св. Климент Охридски.
Покрај државните се празнуваат и верски празници.
Така за верниците од православна вероисповед уште пет дена се неработни – Бадник, Водици, Велики Петок, Духовден и Голема Богородица.
Верниците од католичка вероисповед празнуваат уште три дена – католички Божик и Велигден и Празникот на сите светци. Припадниците на муслиманска вероисповед, пак, го одбележуваат Курбан Бајрам.
Согласно законот и секоја етничка заедница има свој празник, па листата на празници се зголемува за уште по еден ден за припадниците на албанската, српската, турската, ромската, влашката, еврејската и за бошњачката заедница.