Виза укинува 2.600 работни места

Сподели со своите пријатели

Американската компанија за дигитални плаќања Виза објави дека ќе отпушти околу седум проценти од своите вработени, или приближно 2.600 работници, како дел од програмата за зголемување на ефикасноста на работењето.

Отпуштањата првенствено ќе вклучуваат тимови за технологија и развој на производи, а доаѓаат околу шест месеци по сличен потег на главниот конкурент Мастеркард, објави Ројтерс.

Извршниот директор на компанијата, Рајан Мекинерни, во интерно писмо до вработените изјави дека Виза сака дополнително да ја подобри ефикасноста за да насочи повеќе ресурси кон области со најголем потенцијал за раст.

„Убеден сум дека правиме она што е правилно за Виза, нашите клиенти и партнери, бидејќи со зголемување на ефикасноста создаваме простор за инвестиции во најголемите можности за развој“, рече Мекинерни.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Цените на нафтата пак пораснаа по нова размена на оган на Блискиот Исток

Тој додаде дека вештачката интелигенција (ВИ) ги забрзува промените во начинот на работа на компанијата и придонесува за автоматизација на одредени процеси.

Сепак, тој нагласи дека ВИ не е единствената причина за намалувањето на бројот на вработени.

Според годишниот извештај за 2025 година, Visa вработила околу 34.100 работници, што е за осум проценти повеќе од претходната година.

Аналитичарите проценуваат дека нејзиниот бизнис модел е сè уште стабилен, бидејќи приходите првенствено зависат од обемот на трансакциите за плаќање, а не од кредитниот ризик, поради што Visa се смета за отпорна дури и во периоди на економско забавување.