Со најава дека до крајот на 2016 година, ноформираната телекомуникациска компанија ќе работи преку две засебни постојни мрежи, системи за наплата, тарифни портфолија и продажни места на Вип и Оне, денес беше официјализиран почетокот на “оне.Вип”, засега најголем телекомуникациски оператор во Македонија.
Новата компанија ќе опслужува над 1,3 милион корисници со услуги во мобилната и фиксната телефонија, интернет комуникации и телевизија, истакна денес Никола Љушев, извршен директор на оне.Вип.
Според Љушев, корисниците и понатаму ќе ги задржат своите постојни договори и ќе продолжат да ги добиваат услугите, под истите услови, квалитет и цени, како и досега. За таа цел, новата компанија “оне.Вип” ќе ги задржи сите 900 вработени од двете досегашни компании.
Договорот за спојувањето на подружниците на Телеком Австрија Групацијата и Телеком Словеније Груп во Македонија беше објавен на 22. октомври 2014 година, при што Телеком Австрија Групацијата поседува 55% и ќе има целосна контрола врз новосоздадената компанија оне.Вип, додека Телеком Словеније Груп поседува 45% од сопственоста.