По повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, Градската организација Скопје на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ја започнува кампањата „ЗНАМ повеќе за Скопје и ослободувањето на Скопје“, со која го одбележуваме 82-годишниот јубилеј од ослободувањето на нашиот град.
Целта на кампањата е да се афирмираат помалку познатите и подзаборавени историски факти, настани и личности кои оставиле трајна трага во историјата на Скопје, да се зачува колективната меморија и да се доближи историското наследство до граѓаните, особено до младите генерации.
Скопје е град со вековна историја, кој низ времето преживеал освојувања, окупации, војни, пожари, разурнувања и големи историски пресврти. Од Скопското кале, Саат-кулата и Безистенот, до Камениот мост и местата на кои се воделе борбите за ослободување, зад секој историски симбол стојат настани и приказни што заслужуваат да бидат раскажани.
Преку 13 кратки видеоприказни, снимени на различни историски локации низ Скопје, кампањата опфаќа интересни и помалку познати факти за развојот на градот низ вековите, неговото значење како трговско средиште, големиот пожар од 1689 година, како и некогашните визии за неговиот урбанистички развој.
Посебно внимание е посветено на настаните од ноември 1944 година и антифашистичката борба за ослободување на Скопје. Преку историски факти и лични сведоштва ќе бидат претставени повеќедневните борби низ скопските улици, учеството на народноослободителните единици, спасувањето на Камениот мост и хидроцентралата „Матка“, како и приказните за храброста и пожртвуваноста на борците и граѓаните кои се избориле за слободата на градот.
Со кампањата потсетуваме дека 13 Ноември 1944 година не е само датум во историјата, туку симбол на слободата, антифашизмот и жртвите врз кои се темели нашата државност. Негувањето на овие вредности и почитувањето на историската вистина се важен дел од зачувувањето на нашиот идентитет.
Тринаесетте видеоприказни ќе бидат објавувани во деновите до 13 Ноември, преку официјалните канали за информирање на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија.
Да ги почитуваме жртвите и да не ги заборавиме вредностите на слободатаи антифашизмот.
Град што го познава своето минато има посилни темели врз кои ја гради својата иднина.
Интегрално соопштение

