УОМО “Панче Пешев” ќе воведе нова паралелка на албански наставен јазик

Сподели со своите пријатели

Училиштето за основно музичко образование ”Панче Пешев” , наскоро во својата наставна програма ќе воведе нова паралелка по теорија на музичко образование и солфеж, откако на иницијатива на група граѓани, граѓански здруженија, две основни училишта и совет на родители е поднесена иницијатива која се очекува да заживее во текот на септември.

Loading...

Според раководителот на Секторот за образование при општина Куманово Жика Крстевски, иницијатива датира од поодамна, при што оваа година, предлогот бил интензивиран откако и советничките групи од албанската етничка заедница дале своја поддршка.

– Согласно Законот за локална самоуправа, општината има законска обврска да ја имплементира одредбата која се однесува на употреба на мајчин јазик во општини каде живее 20 насто население од друга етничка заедница, што всушност се однесува на воведување паралелка на албански наставен јазик и во Нижото музичко училиште, и тука нема ништо спорно,  вели Крстевски.

Подготовките за отворање на оваа паралелка се спроведуваат во соработка со секторот од Општина Куманово, Министерството за образование и наука и надлежните органи на локалната самоуправа, вели Крстевски, додавајќи дека во случајот со УОМО ”Панче Пешев”, законските рокови се веќе поминати, откако училишниот одбор уште нема свикано состанок за изгласување на оваа иницијатива која подоцна ќе треба да биде верификувана од страна на МОН.

– Воведувањето на паралелка на албански наставен јазик, освен што се должи на повеќестрана иницијатива, се должи и на фактот што градот и општината внимаваат на градење соживот со останатите етнички заедници. Повеќе од 30 насто од учениците кои имаат талент за музика се од албанска етничка заедница, и тие имаат законско право да следат настава на мајчин јазик. Сега на ред е училишниот одбор од кој очекуваме реализација на идејата, вели Крстевски.

Секторот за образование при општина Куманово од училиштето бил информиран дека поради отсуство и годишни одмори, истите не биле во можност да го свикаат училишниот одбор во целина, и во случај МОН да го одбие усвоениот предлог, ќе се должи исклучиво на задоцнетата реакција на училиштето со оглед дека од денес, 1 септември, започнува новата учебна година и имплементирање на иницијативата за нова паралелка може да биде одложена за подоцна.

Отварањето на нова паралелка за Музичкото училиште ќе значи и проширување на работните простории кои се во сопственост на општината, односно и паралелно подобрување на фондот на расположиви инструменти, со оглед на фактот што со новите уписи, се очекува и проширување на наставата по инструмент на јазици на останатите етнички заедници кои живеат во Куманово.