Украинските сили се убедени дека ја пробиле најтешката линија на руската одбрана на југот на земјата и сега ќе можат побрзо да напредуваат, изјави еден од командантите.
Украина започна контраофанзива во јуни, но добро зацврстената руска одбрана засилена со мински полиња го забави напредувањето на украинските сили на југ, кон Азовското Море.
Во средата, украинските борци го кренаа своето знаме во малиот град Роботин, во јужниот регион Запорожје, 10 километри јужно од градот Орихив на самата линија на фронтот.
„Нема да застанеме тука, следен во редот е градот Бердјанск. Им реков на моите борци дека нашата цел не е Роботин, нашата цел е Азовското Море“, рече еден од командантите што го користи военото име Комбат.
Роботин се наоѓа на 100 километри од Бердјанск, пристаниште на брегот на Азовското Море и 85 километри од стратешкиот град Мелитопол. Двата града се под контрола на руските сили.
Москва не потврди дека украинските сили влегле во Роботин.
Минатата недела, американски официјален претставник изјави дека е малку веројатно украинските сили да стигнат до Мелитопол и да го заземат за да ги отсечат руските сили на југот.
Претседателот Володимир Зеленски ја брани воената стратегија на Украина и ги отфрла тврдењата дека неговите сили се премногу распространети, повторувајќи го своето верување дека ќе ја врати целата територија под руска окупација.
Командантот Комбат тврди дека неговите борци ги поминале главните патишта кои се минирани и дека сега можат само побрзо да се движат напред.
Тој исто така рече дека украинските сили влегле во област каде што се наоѓаат само „руските логистички групи“ и дека се на пат да ја ослободат „целата наша територија“.
Сите информации поврзани со најновите случувања со војната во Украина можете да ги прочитате ТУКА.