Иранските власти го повикаа вршителот на должноста на украинската амбасада во Техеран на дискусија во врска со коментарите на официјален Киев во врска со нападот со дронови врз воена фабрика во централен Иран, јави полуофицијалната новинска агенција Тасним.
Високиот помошник на претседателот на Украина, Михаило Подољак, претходно го поврза инцидентот со војната во Украина, пренесува Ројтерс.
„Експлозивна ноќ во Иран, нападнати производството на беспилотни летала и ракети и рафинеријата за нафта. Украина ве предупреди“, напиша Михаил Подољак на Твитер во неделата.
Односите меѓу Киев и Техеран драстично се влошија откако Русија започна напади врз Украина со помош на беспилотни летала за кои постои сомневање дека се произведени во Иран.
Иран претходно призна дека и доставил на Русија беспилотни летала Шахед 136, но рече дека тие биле испратени пред почетокот на војната во Украина на 24 февруари 2022 година.
Москва негира дека нејзините сили користат ирански беспилотни летала во Украина, иако Украина тврди дека фрагменти од соборените беспилотни летала укажуваат дека се работи за ирански „Шахеди“.
Иранските новински агенции претходно објавија силна експлозија и прикажаа снимки на кои се гледа блесок светлина во фабриката, за која се вели дека е вклучена во производството на муниција.
Иранските власти објавија во неделата дека иранската противвоздушна одбрана одбила обид за напад на три мали беспилотни летала, чија цел беше фабрика за муниција во градот Исфахан, во близина на локацијата што му припаѓа на Иранскиот центар за вселенски истражувања, кој беше санкциониран од САД за работа на иранскиот програма за балистички проектили.
Тие наведоа и дека иранската противвоздушна одбрана соборила еден од беспилотните летала, додека другите два експлодирале над магацинот, предизвикувајќи мала штета на покривот.