Украина и тензиите меѓу Кина и САД во центарот на безбедносната конференција во Минхен

Сподели со своите пријатели

Војната во Украина, речиси една година по руската инвазија и зголемените тензии меѓу Кина и САД, ќе биде во центарот на безбедносната конференција што почнува денеска во Минхен.

Loading...

Германскиот канцелар Олаф Шолц и францускиот претседател Емануел Макрон се меѓу 45-те шефови на држави и влади кои пристигнаа на еден од најголемите собири за глобалната безбедност.

Во Минхен доаѓаат и американскиот потпретседател Камала Харис, шефот на НАТО Јенс Столтенберг и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, кој во следните три дена ќе стане центар на меѓународната дипломатија, пишува Хина.

Додека Украина се соочува со нова руска офанзива, западните лидери треба да ја потврдат својата посветеност да го поддржуваат Киев онолку долго колку што е потребно за да се одбие руската агресија, која започна на 24 февруари 2022 година.

Организаторите објавија дека руската влада не била поканета во Минхен поради инвазијата на соседна земја.

Ова е првпат во последните неколку децении Москва да не биде присутна на годишниот собир на светските лидери и експерти за главните предизвици на меѓународната безбедност.

– Не сакавме да им дадеме на рускиот претседател Владимир Путин и неговата влада платформа за ширење пропаганда, изјави директорот на конференцијата Кристоф Хојсген во Берлин на почетокот на месецот. Иран годинава беше исклучен од конференцијата.

„Пазар на идеи“

Се очекува дека тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина, засилени со прелетувањето на кинески балон над американска територија, исто така ќе бидат истакнати во дискусиите.

Loading...

Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји ќе одржи говор во кој ќе ги разјасни позициите на Пекинг за актуелните меѓународни прашања, соопшти неговото министерство.

Кина продолжува да го поддржува Путин, сметајќи ги САД и НАТО за главни виновници за војната во Украина.

Вкупно, повеќе од сто земји испраќаат свои претставници во Минхен, меѓу кои повеќе од триесет министри за одбрана и 50 министри за надворешни работи, меѓу кои е и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Од првата конференција во 1963 година, Минхен служи како еден вид „пазар на идеи“ каде што политичарите и експертите даваат иницијативи и развиваат решенија за најкритичните безбедносни прашања на сегашноста и иднината.

Започнат за време на Студената војна, состанокот им дава простор за официјални и неофицијални дипломатски идеи, а хотелот Bayerischer Hof во кој се одржува им обезбедува заштитено место за неформални средби на често заколнати непријатели, со што го реализира своето мото „градење мир преку дијалог “.