Управата за хидрометеоролошки работи достави известување во кое е наведена состојбата со земјоделските култури во периодот по 11 септември, односно откако на територијата на Република Македонија наврнаа одредени количества дожд.
Известувањето ви го пренесуваме во целост:
Променатана временската состојба донесе пад на температурите, но пред се и врнежи од дожд кои ја зафатијата цела Република, со различни количества а на некои места наврнаа и над 40 литри/м2, кои се повеќе од добредојдени за земјоделството за овој период, после една суша која подолго време се одржуваше над нас. Ваквите врнежи во овој период се сосема доволни за отпочнување на работите околу припрема за површините кај нас, а оптималните рокови за сеидба се во тек.
Овие врнежи исто така се добредојдени и за градинарски култури на отворено, како зимската зелка, карфиолот и останатите зелјести култури.
Врнежите со количества под 20л/м2 во централните делови на Републиката не се очекува да предизвикаат негативни ефекти кај виновата лоза, која во овој период е во фаза на полна зрелост кај винските сорти.
Затоплувањето на времето во наредниот период ќе допринесе за ефикасно искористување на овие врнежи од страна на културите и продолжување на работите на отворено кои беа прекинати за краток период. – стои во соопштението од УХМР.