Управата за хидрометеоролошки работи достави соопштение во кое се наведуваат последиците од невообичаените временски услови за овој период од годината и како тоа ќе се одрази на состојбата со земјоделските култури во Република Македонија во идниот период.
Соопштението ви го пренесуваме во целост:
Надпросечните температури на воздухот за овој период од годината и отсуството на врнежи во еден подолг период, предизвикаа почвена суша, која се манифестира скоро кај сите земјоделски култури, особено пролетните окопни, а најмногу кај пченката која во овој период заради закаснетата сеидба се наоѓа во фаза на млечна и восочна зрелост, фази кога е потребна вода во почвата за да се завршат физиолошките процеси во целост.
Недоволните количества на вода придонесуваат и за опаѓање на листовите кај овошките и другите растителни видови, како мерка за самозаштита од преголемата транспирација и за опстанување на видот.
Во наредната седмица се очекува промена на временската состојба, со повремени локални врнежи кои можат да ја ублажат состојбата, но не и да ја решат. Намалувањето на дневните температури под 30 степени целзиусови ќе им годат на земјоделските култури, но и на земјоделските производителиза секојдневните работи кои ги изведуваат на отворено.
И во наредниот период останува препораката за максимално искористување на системите за наводнување, во сите реони каде што има услови за тоа. – стои во соопштението од Секторот за метеорологија при Управата за хидрометеоролошки работи.