Според најновата хидролошка состојба и податоците со кои располага Управата за хидрометеоролошки работи на одредени места поради високите водости и моменталните врнежи од дожд е можно да дојде до излевање.
Како што ни јавуваат нашите набљудувачи од терен, моменталната состојба со водостоите на водотеците од државната хидролошка мрежа е во рамки на просекот и над просекот, и без изразити скокови во однос на претходниот ден, но од добиените информации за врнежите очекуваме покачување на водостоите на сите водотеци и природни езера. Колкав ќе биде порастот на водостоите ќе зависи од интензитетот на врнежите кои паднале или ќе паднат во возводните делови од сливните подрачја – велат од хидролошкиот сектор на УХМР.
Хидролошките информативни модели даваат насоки за претпазливост во делот на неколку региони и сливни подрачја. Особена претпазливост се препорачува околу сливните подрачја на реките: Треска, Радика, Пена, Лакавица, Сатеска, Црна, Бошава, Крива Река, Пчиња, Маркова Река, Тополка, Кадина, Бабуна, Струмица, Конска, Брегалница, Липковска, Голема Река, Брајчинска, Анска.
Предупредувања има за неколку региони, и тоа: кичевско, тетовско, пелагониско, демирхисарско, гостиварско, гевгелиско, струмичко, кумановско и валандовско.
Според моделите се очекува тежиштето на врнежите да се префрли на југоисток, т.е. гевгелиско, дојранско, валандовско и струмичко, а соодветно на тоа и можноста за брз пораст на водостоите.
Според синоптичарите се очекува врнежите да продолжат. Ситуацијата се следи и по добивање на соодветни информации дополнително ќе бидете известени, информираа од УХМР.