Откако светот со огорченост ја прими снимката од унгарската снимателка Петра Ласло, која ладнокрвно со нога ги удираше растрчаните бегалци, во потрага по идентитетот, Еуроњуз открива кој е бегалецот кој е виден на фамозната снимка.
Се работи за сирискиот фудбалски тренер Осама ал – Абд ал – Мохсен, од повеќе извори опишан како ”револуционер кој бил мачен и заробуван од страна на режимот на Асад”.
Како објаснување зошто го сторила тоа, унгарската снимателка вели дека во момент кога стотици бегалци го пробиле полицискиот кордон, еден од бегалците се залетал кон неа, по што снимателката се исплашила.
Ласло во одбрана на својот чин, се извинила пред унгарската јавност, додавајќи дека во тој момент нешто ”пукнало” во неа.
Во писмо испратено до магазинот ”Маѓар Немзет”, инаку близок до унгарската десница, снимателката појасника дека е се` уште во шок од инцидентот, но ги одбива сите обвинувања дека се работи за безчувствителна расистка.
– Камерата снимаше, стотина бегалци го проби полицискиот кордон, еден од нив се залета кон мене, се преплашив, појаснува Ласло и додава како мислела дека е нападната и дека мора да се одбрани.
Не заслужувам против мене да се иницира лов на вештерки, ниту пак некој да ми се заканува со смрт, вели унгарската репортерка која пред неколку дена, на унгарската граница со Австрија, подметна нога на бегалецот кој трчаше кон преминот со дете во раце.