Турција ќе го ратификува приемот на Шведска во НАТО за неколку недели

Сподели со своите пријатели

Шефот на шведската дипломатија Тобијас Билстром денеска изјави дека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан му рекол дека очекува Турција да го ратификува приемот на Шведска во НАТО во рок од неколку недели.

Loading...

„Имав билатерален разговор со мојот колега, министерот за надворешни работи, при што тој ми рече дека очекува ратификацијата да се случи во рок од неколку недели“, изјави Билстром за новинарите во Брисел, во пресрет на вториот ден од средбата. на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО.

Турција засега не се огласи по тој повод, пренесува Ројтерс.

Британската агенција во вторникот, повикувајќи се на неименуван претставник на Стејт департментот, објави дека турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан им рекол на колегите од НАТО во Брисел дека неговата земја најверојатно ќе ја ратификува кандидатурата на Шведска за членство во алијансата до крајот на годината.

Шведска и Финска аплицираа за влез во НАТО во мај минатата година, по рускиот напад врз Украина.

Финска доби „зелено светло“ во април, додека приемот на Шведска го попречуваат Турција и Унгарија.

Будимпешта претходно соопшти дека ќе го одобри шведското членство откако Турција го одобри тоа.

Комисијата за надворешна политика на турскиот парламент претходно овој месец го одложи гласањето за кандидатурата на Шведска за членство во Алијансата.

Loading...

Шведска ја критикуваше Турција за кршење на човековите права и демократските стандарди, а Анкара го обвини Стокхолм дека засолнува членови на групи кои Турција ги смета за терористички и побара нивна екстрадиција како чекор кон ратификација на членството на Шведска.