Турција ги информираше членките на НАТО дека ќе каже „не“ за членството на Шведска и Финска, изјави претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Турција планира да ја блокира апликацијата на Шведска и Финска за влез во НАТО доколку не се решат безбедносните проблеми на земјата, додаде Ердоган.
– Не сакаме двапати да ја правиме истата грешка. Затоа, решително ќе ја продолжиме нашата политика во овој поглед. Им кажавме на нашите партнери дека ќе кажеме не за членството на Шведска и Финска во НАТО. Ќе го продолжиме нашето патување во истиот правец – рече Ердоган, а зборовите од неговиот говор беа објавени на неговата страница на Твитер.
Да потсетиме, турскиот претседател оцени дека НАТО ќе стане „место на концентрација на претставници на терористички организации“, доколку Финска и Шведска станат членки на таа алијанса.
Анкара тврди дека Шведска и Финска обезбедуваат засолниште за луѓето поврзани со групите што ги смета за терористички, имено Курдистанската работничка партија и поддржувачите на проповедникот Фетула Ѓулен, кого го обвинува дека стои зад обидот за пуч во 2016 година.
Финска и Шведска во средата поднесоа барања за пристапување во алијансата до генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.