Трамп номиниран за Нобелова награда за мир

Сподели со своите пријатели

Претставничката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, републиканката Клаудија Тени, го номинираше поранешниот американски претседател Доналд Трамп за Нобеловата награда за мир, пренесува Fox News.

Loading...

Таа оцени дека Трамп го заслужува тоа признание бидејќи овозможил да се постигнат првите мировни договори на Блискиот Исток по речиси 30 години.

– Со децении, бирократите, надворешнополитичките „професионалци“ и меѓународните организации инсистираа дека дополнителни мировни договори на Блискиот исток се невозможни без решение на израелско-палестинскиот конфликт. Претседателот Трамп докажа дека тоа не е вистина – рече Тени.

Таа истакна дека Нобеловата награда за мир е доделена за постигнување на мировните договори меѓу Израел и Египет од 1978 година, како и Договорот од Осло од 1994 година, но дека Трамп не го доби тоа признание за неговата улога во посредувањето во договорот меѓу Израел и четирите арапски соседи на земјата која има за цел нормализирање на дипломатските и економските односи.

– Храбрите постапки на претседателот Трамп при создавањето на Абрахамскиот договор беа без преседан, но тие сè уште не се признати од Комитетот за Нобеловата награда за мир, што ја нагласува потребата за негова номинација. Сега повеќе од кога било, кога слабото лидерство на Џо Бајден на меѓународната сцена ја загрозува безбедноста на нашата земја, мора да му оддадеме признание на Трамп за неговото силно лидерство и неговите напори за постигнување светски мир – рече Тени.

Трамп, кој е фаворит за републиканската претседателска номинација, неколку пати беше номиниран за Нобеловата награда за мир за неговата улога во постигнувањето на Абрахамскиот договор, но никогаш не ја освои.