Тинубу победи на претседателските избори во Нигерија

Сподели со своите пријатели

Кандидатот на владејачката Конгресивна партија, Бола Тинубу победи на претседателските избори во Нигерија, соопшти партијата.

Loading...

Тинубу им се заблагодари на поддржувачите што му овозможија да победи и апелираше до политичките противници, кои бараат повторување на изборите одржани пред четири дена, да ги признаат изборните резултати.

Независната национална изборна комисија преку ноќ ги објави резултатите кои покажуваат дека Тинубу освоил 37 отсто од гласовите додека неговото име го заокружиле околу 8,8 милиони гласачи.

Главниот опозициски кандидат Атику Абубакар освои 29 отсто или речиси седум милиони гласови, а третопласираниот Питер Оби 25 отсто или околу 6,1 милион гласови.

Владејачката партија синоќа побара од опозицијата да го прифати поразот и да не прави проблеми.

„На овие избори нашиот кандидат веќе победи, според резултатите објавени во центрите за броење гласови“, соопштија од владејачкиот Прогресивен конгрес.

„Ја користам оваа прилика да апелирам до моите политички противници да ни дозволат да се собереме. Имаме една земја и мораме да ја изградиме заедно“, рече Тинубу.

Актуелниот претседател на Нигерија, Мухамаду Бухари денеска му ја честиташе победата на неговиот наследник, но рече дека изборите не биле совршени.

Loading...

Опозицијата во Нигерија вчера, три дена по саботните претседателски избори, повика на повторување на гласањето откако прелиминарните резултати покажаа дека Тинубу води.

Трите најголеми опозициски партии на заедничка прес-конференција соопштија дека начинот на кој се одржале изборите е „навреда за демократијата“ и го повикаа претседателот на изборната комисија да поднесе оставка.

Спроведувањето на овогодинешните избори беше проследено со насилство, заплашување гласачи, фалсификување резултати и прекршување на утврдениот изборен процес, а сето тоа беше објавено од државното изборно тело“, соопшти Лабуристичката партија.

Партиите сега имаат три недели да се жалат на резултатите, но изборите можат да бидат поништени само ако се докаже дека независното избирачко тело не го почитувало законот и постапило на начин што можел да го промени резултатот.