Театар Куманово утре премиерно ќе ја изведе „Чичко Кумплунг“ (ВИДЕО)

Сподели со своите пријатели

Со премиера на македонската драма „Чичко Кумплунг“ од Сашко Насев, во режија на Јани Бојаџи, Театар Куманово утревечер ќе ја отвори својата прва премиера за 2026 година.

Претставата ќе биде изведена на 13 мај со почеток во 20 часот на големата сцена во НУЦК „Трајко Прокопиев“, а првата реприза е закажана за 15 мај.

Поради камерниот карактер, претставата ќе може да ја проследат околу 90 гледачи.

 

 

Директорката на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Јоана Сарафимовска, посочи дека станува збор за прва премиера на Театар Куманово годинава.

– Нова премиера на Театар Куманово за 2026 година, прва премиера од годинешната програма „Чичко кумплунк“ во режија на Јани Бојаџи, премиерно ќе биде изведена утре од 20 часот, додаде директорката.

 

 

Режисерот Јани Бојаџи, кому ова му е трета соработка со кумановскиот ансамбл, истакна дека процесот на работа траел два месеца и поминал во исклучително креативна атмосфера.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Куманово ја одбележа Неделата на медицинските сестри со крводарителска акција (ВИДЕО)

– За мене беше како да сум дома меѓу свои луѓе. Огромен дел од ансамблот го познавам лично и навистина уживавме во процесот – рече Бојаџи.

 

 

Тој нагласи дека претставата е особено значајна затоа што ја афирмира македонската драматургија, која според него со години била запоставена на домашните сцени.

– Без македонска драматургија нема национален театар, без национален театар нема национална кинематографија, без национална кинематографија нема национална телевизија, а без национални медиуми нема ниту нација. Театарот е татковина на филмот и телевизијата и затоа мора да ја негуваме домашната драма – истакна режисерот.

Актерката Александра Михајловска Величковски, која го игра ликот на Вилма, вели дека нејзиниот лик е млада девојка која поради својата наивност влегува во ризични ситуации со сериозни последици.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  Денеска и утре без струја делови на Куманово

– Играм девојка средношколка која што од некоја своја наивност влегува во неколку ризични авантури коишто изгледаат интересни, меѓутоа се со големи последици за неа, а тоа е дете коешто до крајот на претставата има пресврт затоа што мора принудена да порасне побрзо можеби од останатите и принудена е да најде начин да да функционира во системот во нејзиното опкружување и да направи нешто коешто е најдобро за неа – изјави Михајловска Величковски.

 

 

Владо Дојчиновски, кој го толкува инспекторот Цацко, смета дека претставата носи силна општествена порака.

– Публиката по претставата ќе се запраша до каде сме со нашето постоење како држава и како нација, дали се градиме или се самоуништуваме. Ликот Цацко е сублимат на многу „цацковци“ од нашето општество кои свесно или несвесно придонесуваат за тоа – рече Дојчиновски.

 

 

Тој додаде дека ова е една од најлесните и најспонтаните работни процеси во кои учествувал последниве години, што според него ќе се почувствува и на сцената преку природноста и „гледливоста“ на претставата.

ПРОЧИТАЈТЕ И:  35-годишен кумановец пронајден починат

Актерката Кети Дончевска Илиќ потенцираше дека македонската драматургија треба да се третира како рамноправна со светската.

– Македонските автори пишуваат за нас, за нашите мајки, нашите млади луѓе, нашите нервози и нашето секојдневие. Затоа нам актерите многу полесно ни е да се идентификуваме со тие ликови – рече таа.

 

 

Дончевска Илиќ оцени дека кумановскиот театар во последните години сериозно го негува домашниот драмски текст и изрази надеж дека тоа ќе прерасне во традиција.

Во претставата играат Мирослав Петковиќ, Кети Дончевска Илиќ, Давид Илиќ, Александра Михајловска Величковски, Владанка Крстевски, Владо Дојчиновски, Дубравка Киселички и Жарко Јовановиќ. Сценограф е Лазе Трипков, костимограф Ирена Боневска Чаловска, а драматург Зоран Зафировски.

Никола Ивановски