Ослободителната народна армија (ОНА), која во саботата ја презеде одговорноста за нападите во Куманово, ја обвини денеска македонската министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска дека „шири лаги и невистини“ и ја повика јавно да соопшти кои се уапсените кои се предале.
Во соопштението проследено до албанските медиуми, што го објави Bota sot, македонската полиција се нарекува „антидемократска државна полиција на ПЈРМ“.
„Оружениот судир во Куманово и околината е реакција на структурите на ОНА, а не на терористичка група, како што се вели во официјалната варијанта на МВР на ПЈРМ“, пишува во соопштението кое е потпишано со „портпарол на ОНА“, со Гостивар како место од каде е испратено.
„Изјавата на Јанкулоска за штетата што ја претрпеа нејзините криминални сили е точна, пет мртви полицајци и повеќе од 20 ранети, тоа е последица на нашата остра реакција, која никако нема да запре во следните денови“, предупредуваат од ОНА во соопштението, за кое нема официјална потврда за неговата веродостојност.
„Јанкулоска мора да ги соопшти со вистинско име ’уапсените’, по ’нивното предавање’, да не го заплашува албанскиот народ и уште еднаш да ги враќа оние уплашени цивили за да облечат воени униформи“, повикува ткн ОНА.
Оваа паравоена формација укажува дека „нејзините вооружени сили се целосно организирани, способни и со доволно средства за продолжување на борбите.
Во соопштението, за кое нема официјална потврда, ОНА „ги информира албанските влади во Тирана и Приштина, наместо натамошни бесполезни дипломатски зборови за оваа ситуација, да свртат позитивно внимание кон европските меѓународни организации, со цел да се запре насилството на полицијата врз недолжното цивилно население“.
„Не сносиме одговорност за оние Албанци кои останале во рамките на полициските и воените структури на државата ПЈРМ. Структурите на ОНА се во одбрана на албанскиот народ и го повикуваат да биде внимателен и да биде што подалеку од местото каде што ќе се водат понатамошните оружени судири“, се наведува во соопштението, кое завршува со паролата „Да живее албанскиот народ“.
Соопштението под број 4 го објави Bota sot, а е потпишано од Гостивар.