Земјите на НАТО сакаат да ја принудат Русија да преговара според „Киевските формули“ и затоа планираат да испратат свои војници во Украина, изјави рускиот заменик-министер за одбрана Александар Фомин, говорејќи на отворањето на безбедносниот форум во Пекинг.
Министерството за одбрана на Руската Федерација смета дека тоа е опасна игра која може да доведе до директен воен конфликт меѓу нуклеарните сили и почеток на Третата светска војна.
Путин: Само војниците на НАТО и САД се обучени да ги користат нивните ракети со долг дострел
Рускиот претседател Владимир Путин вчера предупреди дека Русија може да ја промени својата тактика според „заканата со која се соочува“, т.е. на фактот дека оружјето со долг дострел наменето за Киев за напади на руска територија може да го управуваат само војниците на НАТО и САД со помош на користење разузнавачки податоци добиени преку сателити.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер одби да го коментира предупредувањето на рускиот претседател дека НАТО размислува за директна војна против Русија.
САД се подготвуваат значително да го намалат прагот за употреба на нуклеарно оружје
Во исто време, предупреди рускиот заменик министер за одбрана, САД активно работат на нова верзија на својата нуклеарна доктрина, во која прагот за употреба на нуклеарно оружје може значително да се намали.
Коментирајќи ја ситуацијата во регионот Курск, Фомин рече дека Специјалната воена операција добила нова димензија.
Фомин изјави дека инвазијата на украинската армија на територијата на Курската област, која започна на почетокот на август, е извршена со сеопфатна поддршка на западните земји.
– Со оглед на тоа што режимот во Киев претходно активно ја користеше сликата на жртва на меѓународната арена и ги прикажуваше своите воени дејствија исклучиво како наводна фер борба за независност, јасно е дека агресијата на украинските вооружени сили врз цивилното население на Русија конечно ја разоткри оваа лага, истакна Фомин.
Да потсетиме, американскиот претседател Џозеф Бајден денеска треба да разговара со британскиот премиер Кир Стармер за тоа да му дозволи на Киев да користи западно оружје со долг дострел за гаѓање цели длабоко на руска територија.
Во Русија сметаат дека оваа одлука е веќе донесена, а сега само се обидуваат убаво да ја заокружат преку медиумите.