Суспендирано членството на Русија во ФАТФ, но ќе мора да ги исполнува обврските

Сподели со своите пријатели

Меѓународното тело за контрола и спречување на перење пари ФАТФ го суспендираше членството на Русија, со образложение дека војната што ја води во Украина ги нарушува принципите на таа организација.

Loading...

FATF (Financial Action Task Force) е меѓународно тело основано во Париз во 1989 година со цел да развие и подобри политики за ефикасна борба против перење пари и финансирање тероризам, како и да го следи спроведувањето на мерките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам во земјите-членки.

Тоа е одлука без преседан во рамките на ФАТФ, а ја одобрија сите земји членки на пленарната седница одржана во петокот, пренесува Ројтерс, повикувајќи се на Танјуг.

Претседателот на ФАТФ Раџа Кумар изјави дека руската инвазија на Украина „ги прекршила обврските кон меѓународната соработка и меѓусебното почитување“, кои се меѓу најважните принципи на таа организација.

Украина, која постојано повикуваше Русија да биде исфрлена од организацијата, ја поздрави одлуката за суспензија, но додаде дека ќе продолжи со напорите со членките на ФАТФ да оди понатаму и да ја стави Москва на црната листа.

„Тоа не е доволно, но е важен чекор во вистинската насока“, изјави украинскиот министер за финансии Серхи Марченко.

Анатолиј Антонов, рускиот амбасадор во САД, ја осуди одлуката како „опасен чекор“, велејќи дека тоа ќе ги поткопа глобалните напори за борба против перењето пари, финансирањето на тероризмот и ширењето на оружјето за масовно уништување, објави руската новинска агенција Тас.

Иако е суспендирана, Русија останува членка на организацијата, а главните последици од одлуката ќе бидат тоа што ќе и биде забрането да присуствува на состаноци и да пристапува до документи, соопшти ФАТФ.

Loading...

Според соопштението, Москва останува обврзана да ги применува стандардите на ФАТФ и да ги исполни своите финансиски обврски.

Во петокот, ФАТФ, исто така, ги додаде Јужна Африка и Нигерија на својата „сива листа“ на земји под посебен надзор за спроведување на стандардите за спречување на перење пари и финансирање тероризам и го отстрани Мароко од листата.

Членството на ФАТФ се состои од 39 земји, меѓу кои САД, Индија, Кина и Саудиска Арабија, како и европските земји како Велика Британија, Германија и Франција, како и ЕУ, додека Украина не е членка, наведува Ројтерс.