Британскиот премиер Риши Сунак се соочува со нов бунт во неговата партија поради плановите да се забрани пушењето кај младите.
Доколку се усвои законот за тутун и вејп, би било прекршок да се продаваат тутунски производи на секој роден по 1 јануари 2009 година, објави Скај њуз.
Тоа значи дека оние кои сега имаат 15 или помалку години никогаш нема да можат легално да купат цигари.
Планот беше една од трите клучни политички ставки на Риши Сунак што ги објави на конференцијата на Ториевците минатата година.
Сепак, некои конзервативци ја критикуваа забраната, што значи дека премиерот ќе мора да се потпре на поддршката на лабуристите за да го усвои законот.
Меѓу противниците на забраната се и претходникот на Сунак, Лиз Трас, која ги опиша плановите како „длабоко неконзервативни“ и нејзиниот претходник Борис Џонсон, кој потегот го нарече „лудост“.
Доколку биде усвоен, законот нема да го криминализира самото консумирање тутун, а оние 18 или постари ќе можат да купуваат цигари засекогаш без правни последици.
Забраната има за цел да ги спречи луѓето да користат тутун дури и пред да започнат, бидејќи владата истакна дека зависноста од тутун е многу висока, при што четворица од пет пушачи почнуваат пред да наполнат 20 години и остануваат зависни доживотно.
Продавниците кои ќе ги прекршат правилата ќе се соочат со казни на лице место, а собраните пари ќе бидат наменети за спроведување мерки против конзумирање цигари.
Пушењето ја чини економијата на Велика Британија и националниот здравствен систем околу 17 милијарди фунти годишно, што е повеќе од 10 милијарди фунти годишен приход од даноците од тутунот.