На петмината обвинети во случајот „Пуч“ ќе им се суди во редовна судска постапка откако судскиот Совет одлучи да го одобри обвинителниот акт поднесен од јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, соопшти Основен Суд Скопје 1 во соопштение за јавноста објавено на официјалната веб страна.
Советот за оценка на обвинителен акт при Основниот суд Скопје 1 – Скопје кој постапуваше во постапка за оценка на обвинителниот акт КО. Бр. 25/15 поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 30.04.2015, по одржано рочиште за оценка на обвинителен акт на 01.06.2015 година, како и детална анализа на сите приговори поднесени од страна на одбраната и ценење на доказите врз кои се заснова обвинителниот акт, донесе одлука со која обвинителниот акт се одобрува во целост, а приговорите на одбраната се одбиваат како неосновани.
Советот во одлучувањето утврди дека делата кои се предмет на обвинителниот акт се кривични дела предвидени во Кривичниот законик и приложени се докази во прилог на обвинението.
Воедно советот имаше предвид и дека одбраната поднесе обемна листа на докази, а усното образложение на приговорите претставува и делумна одбрана на обвинетите што за советот претставува уште еден аргумент во прилог на одлуката да се закаже јавна, главна и усна расправа на која во контрадикторна постапка ќе се решаваат прашања што се предмет на испитување и оцена на главна расправа.
По распоредување на обвинителниот акт кај надлежен судија за постапување ќе биде закажан термин за главна расправа за која јавноста ќе биде благовремено информирана.
По оваа одлука предметот се испраќа кај надлежен судија кој ќе им суди на петмината обвинети во случајот „Пуч“, меѓу кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски и неговата сопруга, Соња Верушевска, Ѓорги Лазаревски и Бранко Палифров