Меѓународниот суд на правдата (МСП) во Хаг денеска го отвора еднонеделното рочиште за правните последици од израелската окупација на палестинските територии, на кое пред судиите треба да се обратат претставници на повеќе од 50 земји.
Пред судот најпрво ќе се обрати палестинскиот министер за надворешни работи Ријад ал Малики, а меѓу другите треба да се обратат и претставници на САД, Кина, Русија, Јужна Африка и Египет, пренесува Ројтерс.
Израел нема да учествува на сослушувањето, иако испрати писмен поднесок до судот.
Сослушувањата ќе се одржуваат до 26 февруари, по што се очекува на судиите да им бидат потребни неколку месеци за да размислат за ова прашање пред да дадат советодавно мислење.
Израел во минатото ги игнорираше ваквите мислења, потсетува британската агенција и оценува дека мислењето на МСП во екот на тековната војна во Појасот Газа може да има ефект на зголемен политички притисок врз Израел.
Израел ги освои Западниот Брег, Појасот Газа и Источен Ерусалим во војната во 1967 година.
Израел се повлече од Газа во 2005 година, но заедно со соседниот Египет сè уште ги контролира границите на Појасот Газа.
Генералното собрание на Обединетите нации побара од МСП во 2022 година да даде советодавно, односно необврзувачко мислење за правните последици од израелската окупација на палестинските територии.
Ова е втор пат Генералното собрание на ОН да побара од МСП да даде советодавно мислење во врска со окупираните палестински територии.
Во јули 2004 година, МСП утврди дека Израел го прекршил меѓународното право со изградбата на ѕидот што го дели Западниот Брег и дека тој треба да биде демонтиран, но тој до денес не е отстранет, според Ројтерс.