Стечајните работници од Куманово, членови на Здружението на стечајни работници ”УНИТ”, за утре во 10 часот најавија протест пред зградата на Министерството за труд и социјална политика, Министерството за финансии и Владата на РМ.
Утре уште еднаш ќе побараме остварување на нашите барања, вели Лилјана Георгиевска, претседател на ”УНИТ”, и додава дека стечајците утре ќе побараат средба со надлежните за да ги пренесат нивните барања, како што е пензионирање на стечајците мажи на 60, односно на 58 -годишна возраст на жени – стечајци.
– Стечајците бараат не само пензионирање, туку и обештетување на останатите помлади членови се до нивно прво вработување. Утре ќе излеземе на протест пред Владата и двете министерства, додека на 1 Мај, ќе се придружиме на протестите организирани од независните синдикати, вели Ѓеоргиевска.
Претседателката на ”УНИТ” додава дека Сојузот на синдикати на Македонија, и покрај најавените протести за 1 Мај, стечајците не добиле покана да се придружат на синдикалните протести, и од таа причина, донеле одлука да се придружат на протестот организиран од независните синдикати.
Фото насловна: макденес.мк