Spotify, глобалната платформа за слушање музика, одлучи да ги зголеми цените на претплатата за повеќе од 200 милиони корисници во категоријата Premium за прв пат по 10 години.
– Ги менуваме цените на услугите во категоријата Премиум на многу пазари низ светот за да можеме да продолжиме со иновациите – се наведува во денешното соопштение на компанијата Spotify, пренесува Би-Би-Си.
Претплатниците во САД ќе плаќаат 10,99 долари месечно наместо сегашните 9,99 долари, а претплатата на овој пакет услуги е зголемена и во Велика Британија, Канада, Австралија и на 49 други пазари.
Пакетот Premium duo ќе се зголеми во цената на 14,99 долари во САД, како и пакетот Family plan – на 16,99 долари и студентскиот план – на 5,99 долари месечно.
Spotify соопшти дека на корисниците ќе им биде даден грејс-период од еден месец пред да стапат на сила новите цени и ќе имаат можност да ја откажат својата претплата.
Ова поскапување не е големо изненадување, бидејќи беше објавено од шефот на Spotify, Даниел Ек, уште во април.
– Кога ќе биде погоден моментот, ќе ги зголемиме цените, а нашите клиенти ќе го прифатат тоа бидејќи им нудиме многу квалитетни содржини – изјави тогаш Ек, потсетува Би-би-си.
Spotify ќе продолжи да нуди бесплатни содржини – со реклами.
Корисниците на премиум пакети можат да уживаат во музика без комерцијална содржина.
Spotify има 515 милиони корисници на повеќе од 180 пазари ширум светот, а околу 40 отсто од нив се претплатници.
Компанијата отпушти шест отсто од својата работна сила во јануари, наведувајќи ја потребата за подобрување на ефикасноста.
Платформите Apple Music, Peacock, Netflix, Max и Paramount+, исто така, неодамна ги зголемија цените на претплатата, според Би-Би-Си.