Реконструкцијата на спортскиот комплекс „Соколана“ во Куманово тече во полна пареа, а денеска на игралиштето поранешните врвни спортисти на градот се сретнаа со градоначалникот Максим Димитриевски и директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски.
Поводот за реконструкција на објектот, како што рече градоначалникот дошол токму од поранешните спортски работници и од Куманово и од поранешна Југославија, кои денеска покажаа голем ентузијазам што се враќа сјајот на овој комплекс.
– Пред две години на првиот состанок кога видов со каков жар и со каков ентузијазам и со какви емоции зборуваа за овој објект, бидејќи тука всушност започна културно-спортскиот живот на нашиот град и тоа беше за мене поттик уште повеќе во соработка со државата првенствено да ги побараме поранешните спортски објекти да ни се вратат назад на општината таму кај што припаѓаат, на граѓаните, а подоцна и да отпочнеме со нивна реконструкција. Наидовме на разбирање во Владата, беше донесена таква одлука, беа прекинати договорите со поранешните концесионери. Објектите се наоѓаат во лоша сосојба, но ние имаме обврска да ги реконструираме, рече Димитриевски.
Рокот од десет месеци, предвиден за завршување на реконструкцијата, градоначалникот се надева дека ќе биде скратен и кон средината на пролетта ќе започне употреба на дел од комплексот.
– Веќе сме во финална фаза за изработка на проектот за реконструкција на кровната конструкција на објектот, дополнителна санација на статиката на објектот и верувам дека до крајот на годината бидејќи имаме издвоени дополнителни седум милиони денари од општинскиот буџет и седум милиони денари од Агенција за млади и спорт каде што ќе влеземе во втора фаза. Ни останува подоцна третата фаза, а тоа е внатршено уредување на објектот, решавање на фасадата и партнерното целосно уредување на спортскиот комплекс Соколана, рече градоначалникот.
Агенцијата за млади и спорт, како што рече директорот Наумче Мојсоски, ќе стои на располагање за проектот и се што ќе ѝ биде потребно на општината за реконструкција на овој објект.
– Пред малце разговаравме со градоначалникот дека пред точно 90 години тука бил формиран првиот ракометен женски клуб на тогашна Југославија, сегашна Македонија и секако тука почнува како што кажа и градоначалникот спортот во Куманово. Секако ми е драго дека ова култно место е срцето за спортот во Куманово, заедно со општината, градоначалникот и Агенцијата го почнавме ова издание кое ќе прерасне во дом на спортисти кои ќе продолжат да го користат, рече Мојсоски.
Спортските ветерани на Куманово со неизмерна благодарност се обратија до градоначалникот и директорот и симболично им подарија спортски топки со нивни автограми.
Никола Ивановски