Со претставата „Секс и лаги“, Театар Куманово вчеравечер официјално го затвори 25то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“.
Долгиот аплауз и овациите од преполната сала се потврда дека кумановскиот театар и годинава ги оправда очекувањата кои секогаш се најголеми од домаќинот на фестивалот.
Актерот Никица Јанковски не го криеше задоволството од премиерната изведба и реакциите на публиката.
– Се надевам дека направивме добра претстава, а кумановци како доктори на хуморот тоа го потврдија. Јас сум радосен што сум од Куманово, затоа што кумановци имаат многу специфичен хумор и го препознаваат вистинскиот хумор, изјави Јанковски.
Актерката Александра Михајловска вели дека е презадоволна од изведбата, а целата претстава била подготвувана со многу љубов.
– Работевме со љубов, беше многу весело, лесен процес, се забавувавме и искрено мислам дека одлично поминавме и се надевам дека ќе трае долго претставата на репертоарот, изјави Михајловска.
Претставата вечерва ја има својата прва реприза која целосно е распродадена, а веќе е закажано и првото гостување следниот месец во Гевгелија.
Презадоволен од реакциите на премиерата е и директорот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ Сашо Тодоровски кој истакна дека годинава фестивалот го посетиле над 6.000 луѓе.
– Со кумановската претстава заврши 25то јубилејно издание на Денови на комедија. Како институција навистина сме задоволни како и секоја година и годинава имаше огромен интерес за фестивалот. Публиката беше присутна на сите претстави, над 6.000 посетители, тоа е огромен број кој покажува дека Куманово сака театар и дека овој фестивал треба да живее и треба и понатаму да биде белег и столб на овој град од културен аспект, рече Тодоровски.
Годинава ќе бидат доделени и награди во неколку категории, одлуката треба да ја донесе стручно жири во текот на денешниот ден, а свеченото доделување ќе се одржи за две недели.
Никола Ивановски