Сменетиот претседател на Нигер ги повика САД и светот да помогнат во обновувањето на уставниот поредок

Сподели со своите пријатели

Претседателот на Нигер, сменет со воен удар, Мохамед Базум, денеска ги повика САД и „целата меѓународна заедница“ да помогнат во обновувањето на уставниот поредок.

Loading...

Базум, чија состојба не е позната откако воената хунта го фати, во авторска статија за Вашингтон пост напиша дека сега му се обраќа на светот како заложник и додаде дека државен удар ќе има катастрофални последици за Нигер, но исто така и за целиот свет.

„Борбата за нашите заеднички вредности, вклучително и демократскиот плурализам и почитувањето на владеењето на правото, е единствениот начин да се победи сиромаштијата и тероризмот преку одржлив напредок“, напиша соборениот претседател.

Тој, исто така, предупреди дека водачите на хунтата кои ја презедоа власта насилно се поврзани со руската платеничка група Вагнер, која има влијание во другите земји од регионот.

„Целиот централен регион на Сахел би можел да потпадне под руско влијание преку групата Вагнер, чиј брутален тероризам се гледа во Украина“, напиша Базум.

Според американските извештаи, нема индикации дека Вагнер бил вмешан во соборувањето на Базум, но лидерот на Вагнер, Евгениј Пригожин, пучот го опиша како триумф.

Вчера лидерите на воената хунта објавија дека ги повлекуваат амбасадорите на Нигер од Франција, САД, Нигерија и Того и дека ги затвораат амбасадите.