Словенката Марта Кос денеска беше номинирана за нов еврокомесар за проширување, во новиот состав на Европската комисија, кој денеска во Стразбур го претстави претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен.
Таа на таа позиција ќе го замени Унгарецот Оливер Вархеји, кој ќе остане во Комиа, но ќе го води секторот за здравје и благосостојба на животните.
Презентирајќи ги кандидатите за комесари, Фон дер Лајен рече дека Кос ќе биде задолжена и за политиката на источно соседство, ќе работи на поддршка на Украина, вклучително и на обновата на оваа држава и „да ги поддржи земјите кандидати да се подготват за нивниот пристап во Унијата“.
Словенија минатата недела потврди дека Кос ќе биде кандидат на земјата за еврокомесар.
Претходно од кандидатурата се откажа и Томаж Васел.
Според словенечките медиуми, тоа е направено со цел Урсула фон дер Лајен да ја постигне својата цел за рамнотежа на половите во Комисијата.
Според Политико, Словенија со добивањето на ова ресор е „наградена за преминувањето од машки во женски кандидат“.
Марта Кос е поранешна словенечка амбасадорка во Германија и Швајцарија.
Таа беше потпретседател на Либералното движење за слобода, кое беше предводено од премиерот Роберт Голоб. Таа се кандидираше за претседател на Словенија во 2022 година, но се повлече од кампањата.
Кандидатите за еврокомесари ќе бидат предмет на сослушување во комисиите на Европскиот парламент во наредните недели.
Тие ќе треба да добијат зелено светло од европратениците за да бидат избрани на функцијата.
Европскиот парламент ќе гласа за новата Европска комисија како целина пред да стапи на должност, што ќе се одржи најрано на 1 ноември.
Словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон и честиташе на нејзината сонародничка Марта Кос за нејзиното именување за нов еврокомесар за проширување.
– Одлични вести од Брисел! Словенија во новиот состав на Европската комисија ќе раководи со важен оддел за проширување, источно соседство и повоена обнова на Украина. Честитки за Марта Кос и со нетрпение очекувам да учествувам во понатамошната поддршка на земјите од Западен Балкан и источното соседство на патот кон европскиот пат – напиша Фајон на Х.