Словачкиот премиер Роберт Фицо објави дека е направен обид за саботирање на неговата посета на Москва.
Според него, плановите за билатерални средби биле нарушени поради доцнењето на летот, што Фицо го објави на својата Фејсбук страница.
Во своето вчерашно соопштение, Фицо изјави дека добил порака од Естонија со која го известуваат дека на неговиот авион нема да му биде дозволено да лета над естонскиот воздушен простор на пат кон Москва.
„Секако, ова е намерен обид за саботирање на мојата посета на Москва. Тоа сериозно го нарушува целиот наш распоред – нема да можеме да присуствуваме на планираните состаноци утре вечер“, објасни премиерот на Словачка.
„Четири исклучително важни билатерални средби“
Тој нагласи дека прави сè што може за да стигне до Москва и „да учествува на четири исклучително важни билатерални средби“.
Како што пишува РБЦ-Украина, според најновите извештаи, Фицо нема да учествува на парадата на рускиот претседател Владимир Путин по повод Денот на победата.
На 9 мај во Москва ќе се одржи голема парада по повод 80-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.
Рускиот лидер Владимир Путин покани неколку странски лидери да присуствуваат на настанот.
Учеството на Вучиќ на церемонијата
Се очекуваше претседателот на Србија, Александар Вучиќ, да учествува на церемонијата, но неочекувано се разболе и мораше да ја скрати посетата на Соединетите Американски Држави, каде што требаше да се сретне со Доналд Трамп.
По ненадејното враќање од САД, Вучиќ беше хоспитализиран.
Покрај тоа, беше објавено дека Латвија и Литванија му забранија на авионот на Вучиќ да влезе во нивниот воздушен простор на пат кон Русија.
Подоцна, Естонија го стори истото, затворајќи го својот воздушен простор за авиони што летаа кон Москва по повод парадата на Денот на победата.
Подоцна беше објавено како Вучиќ конечно стигнал во Москва.