Силен земјотрес беше почувствуван во зори, во 5:50 часот наутро во Неапол и во соседните општини на Флегрејските и западните области.
Тресењето нагло разбуди многу луѓе, а досега не се пријавени поголеми штети.
Италијанскиот национален институт за геофизика и вулканологија објави дека регистрираната магнитуда била 4,4 степени според Рихтеровата скала, а EMSC последователно објави дека е регистриран земјотрес со магнитуда од 4,1 степени на длабочина од 6,1 километри.
Епицентарот беше означен во Заливот Поцуоли, околу 19 километри југозападно од Неапол.
Тоа е еден од најсилните земјотреси што го погодија ова подрачје во последно време, а тресењето беше споредено со земјотресот од 30 јуни претходната година – најсилниот во последните 40 години, со магнитуда од 4,6.
„Силен удар сличен на бран траеше повеќе од 5 секунди. Креветот се движеше“, објавија жителите на областа, пренесува Dnevnik.hr.
„Беше силно. Само почувствувавме силен земјотрес во нашата област. Наредив затворање на сите јавни училишта во Баколи. И, во исто време, инспекција на сите училишни згради. На пат сме да провериме дали има некаква штета“, рече градоначалникот на Баколи, Јоси Дела Рагионе.
Тој се јави и во Општинскиот оперативен центар, а слични мерки беа преземени и во соседните Поцуоли и Кварто.
Дел од железничкиот сообраќај во таа област беше исто така привремено прекинат.

