Југозападните кинески региони Чонгкинг и Сечуан денеска се борат со шумските пожари додека чекаат долго најавуван пад на екстремните температури и период на врнежи што се очекува да започне следната недела.
Државните синоптичари најавија крај на бранот топло време, кој трае повеќе од два месеци, наведувајќи дека од запад доаѓа студен воздушен фронт, додека на југоисток од земјата се приближува тајфун, пренесува Ројтерс.
Во Кина 12-ти последователен ден е во сила „црвен метеоролошки аларм“, а до среда се очекува пад на температурите во делови од централна Кина, а од 29 август во Сечуан и Чонгкинг, објави Националниот метеоролошки центар на својата официјална сметка на социјалната мрежа Веибо.
Властите денеска издадоа и „црвен аларм“, предупредувајќи дека ситуацијата е „исклучително опасна“ во шумските области во централниот и јужниот дел на Чонгкинг и источен Сечуан, објави официјалната кинеска новинска агенција.
Чонгкинг и Сечуан, кои летово забележаа 80 отсто помалку врнежи отколку во нормалните години, мораа да се справат со дури 19 шумски пожари од 14 август, според компанијата за финансиски медиуми Каишин.
Засега не е пријавена ниту една жртва.
Провинциите Џиангси, Хунан и Гуиџоу се во состојба на зголемена готовност поради шумски и низински пожари, предупреди денеска кинеското Министерство за вонредни ситуации.
Во соопштението на Министерството се наведува дека земјата испратила повеќе од 2.800 пожарникари во Чонгкинг и Сечуан за да помогнат во гаснењето на пожарите.
Според фотографиите објавени на социјалните мрежи, земјоделците во Чонгкинг инсталирале и импровизирани системи за наводнување за да ги зачуваат посевите и работат ноќе за да избегнат екстремни горештини.
Ефектите од долгата суша се очекува да траат до следниот месец, што претставува ризик за есенската жетва, рекоа владини претставници.