Шкотскиот премиер бара Обединетото Кралство да ја признае Палестина

Сподели со своите пријатели

Шкотскиот премиер Хумза Јусаф испрати отворено писмо до британскиот премиер Риши Сунак, во кое бара Обединетото Кралство официјално да ја признае државата Палестина.

Loading...

Тој изјави дека тоа ќе го „скрши политичкиот ќорсокак што ги осуди Израелците и Палестинците на последователни циклуси на насилство“.

„Од суштинско значење е Велика Британија да ѝ стави до знаење на израелската влада и на светот дека во согласност со нејзината поддршка за решение за две држави, само Палестинците можат да ја држат власта во Газа. Се разбира, таа моќ мора да се искористи на начин што ќе обезбеди дека народот на Израел, како и Палестинците во Газа и на Западниот Брег, можат да живеат во мир и безбедност“, напиша Јусаф во писмото објавено на веб-страницата на шкотскиот премиер.

Тој додаде дека Обединетото Кралство треба да соработува со меѓународната заедница и дека би било корисно Лондон да ја признае државата Палестина во границите од 1967 година, „како што направија преку 130 членки на Обединетите нации, вклучително и девет членки на Европската Унија и како што вети новата шпанска влада“.

Според неговите зборови, признавањето ќе им даде надеж на Палестинците дека е можно праведно и трајно политичко решение, пренесува Танјуг.

„Тоа би ѝ ставило до знаење на израелската влада дека военото решение е илузорно и дека протерувањето на Палестинците од Газа е неприфатливо“, рече Јусаф.