Громогласен аплауз два вечери по ред долго одѕвонуваше во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, а благодарение на извонредната претстава на „Академија 28“ од Белград чии актери изведоа претставата „Школа за љубовници“. Воедно вчеравечер токму на 22то издание на Меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија“ претставата одбележа и стото јубилејно играње.
Станува збор за претстава според текстот на Бојан Стојчетовиќ, кој воедно е и режисер на истата.
Актерот Милан Васиќ особено ги освои симпатиите на публиката во двата вечери, а своето задоволство не го криеше ниту самиот тој, кој изјави дека го сака македонскиот народ и македонската песна.
– Одлична публика. Го сакаме Куманово, генерално и Македонија, затоа што просто сме еден народ, а имате и најубави песни на светот, како и моето Косово, и онаа љубов која ни ја пружате тоа многу се чувствува, а тогаш ние сме тука тоа да го возвратиме. Игравме и вчера и денеска, неверојатна енергија, претставата трае и долго, но не до толку, бидејќи постојано има аплауз, постојано смеење, и мора малку да биде така, изјави Васиќ.
Кумановската публика е феноменална, беше оценката и на актерот Милан Калиниќ.
– Ние игравме две претстави, навистина лудница, реков и на крајот на претставата, ова ни е стота претстава, не бев куртоазен, бев искрен, мислам дека не можеше да има подобро место за тоа. Се надевам дека ќе дојдеме повторно, дали со оваа претстава или со некоја друга ќе дојдеме сигурно, изјави актерот Калиниќ.
Инаку, фестивалот продолжува утревечер, а на репертоарот е претставата „Смеј се за збогум“ на бугарскиот Сатиричен театар „Алеко Константинов“ од Софија.