Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе ја посети Кина од 23 до 26 јули, соопшти денеска портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи Мао Нинг.
Кулеба ќе ја посети Кина на покана на членот на Политичкото биро на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и министерот за надворешни работи Ванг Ји, пренесува Ксинхуа.
Кина не учествуваше на мировната конференција за Украина што се одржа во Швајцарија во јуни, бидејќи, како што тогаш беше објавено во Пекинг, смета дека двете страни треба да учествуваат во преговорите, а Русија не беше поканета на таа конференција.
Кина во февруари 2023 година, на годишнината од почетокот на конфликтот меѓу Русија и на Украина, објави документ од 12 точки во кој го детализира својот став за таа војна и повика на прекин на непријателствата и мировни преговори.
Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави во април оваа година, на средбата со германскиот канцелар Олаф Шолц во Пекинг, дека предложил четири принципи за да се спречи украинската криза да излезе од контрола и да се врати мирот што е можно поскоро.
„Прво, приоритет треба да биде поддршката на мирот и стабилноста, воздржувајќи се од барање себични цели. Второ, треба да ја смириме ситуацијата и да не долеваме масло на огнот. Трето, треба да создадеме услови за враќање на мирот и да се воздржиме од натамошно влошување Четврто, треба да го намалиме негативното влијание врз светската економија и да се воздржиме од поткопување на стабилноста на глобалната индустрија и синџирите на снабдување“, рече тогаш Си Џинпинг.