Се појавија лажни фотографии од италијанската премиерка Џорџа Мелони, генерирани од вештачка интелигенција.
Со оглед на тоа што се проширија на социјалните мрежи, Мелони се осврна на ситуацијата и ги критикуваше „дип фејк“ фотографиите, како и предупреди дека тоа може да биде многу опасна алатка.
„Во последните денови, циркулираа разни лажни фотографии од мене, генерирани од вештачка интелигенција и претставени како вистински од некои преревносни противници. Морам да признаам дека оние што ги направија, барем во приложениот случај, доста го подобрија мојот изглед. Но, фактот е дека луѓето, само за да напаѓаат и шират лаги, сега се подготвени да користат апсолутно сè“, изјави Мелони и сподели фотографија генерирана од вештачка интелигенција на која е облечена во долна облека и седи на кревет.
„Проблемот оди подалеку од мене. Дипфејковите се опасна алатка бидејќи можат да измамат, манипулираат и таргетираат секого. Јас можам да се одбранам. Многу други не можат. Затоа секогаш треба да важи едно правило: проверете пред да поверувате и размислете пред да споделите. Бидејќи денес ми се случува мене, утре може да му се случи на секого“, тврди таа.
Како што објави „Гардијан“, некои верувале дека фотографиите се вистински и ја критикувале италијанската премиерка поради нив.
„За премиерката да се појави во таква состојба е навистина срамно. Недостојно за институционалната улога што ја има. Таа нема ни трошка срам“, беше еден таков коментар.
Владата на Мелони се бори против ризиците што ги претставуваат вештачката интелигенција и дипфејковите.
Минатиот септември, Италија одобри сеопфатен закон за регулирање на употребата на вештачка интелигенција, воведувајќи затворски казни за оние што ја користат технологијата за да им наштетат и ограничувајќи го пристапот до деца.

